Хип-хоп уметникот Канје Вест ќе мора целосно да се вакцинира доколку сака да има концерти во Австралија, изјави денеска премиерот на таа земја Скот Морисон, откако медиумите објавија дека Вест планира австралиска турнеја во март.
„Правилата (за влез) се такви што треба да бидеш целосно вакциниран. Ова важи за сите, како што луѓето неодамна видоа. Не е важно кој си, тоа се правилата. Следи ги правилата – можеш да дојдеш. Ако не ги следиш, не можеш“, рече Морисон, цитиран од Ројтерс.
Изјавата на Морисон дојде откако Sydney Morning Herald објави дека Вест планира концерти во Австралија во март.
Статусот на вакцинација на Вест е непознат.
Во интервју од 2021 година на социјалните мрежи, тој рече дека примил една доза од вакцината, но во интервју од 2020 година, вакцинацијата ја нарече „жигот на ѕверот“.