Не е првпат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да најавува дека прави ново мнозинство, но тоа не може да се случи се додека власта има стабилно мнозинство без оглед на резултатите на локалните избори, бидејќи не само СДСМ, туку и коалициските партнери потврдија дека парламентарното мнозинство е стабилно, изјави денеска пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска-Ванчевска во гостувањето на „Утински брифинг“.
– Ако Мицкоски веќе имаше обезбедено мнозинство во Парламентот, не би барал предвремени парламентарни избори. Штом премиерот најави оставка, со обезбедено мнозинство, согласно Уставот, претседателот ќе го додели мандатот на тој што има мнозинство, додаде Калевска-Ванчевска.
Таа потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство за да добие мандат за формирање влада, па затоа Мицковски бара брзи предвремени парламентарни избори.