
Што ќе се случи со Huawei, ако технолошкиот гигант од Кина биде целосно отсечен од пристапот до ARM и x86 процесорски архитектури, од оперативниот систем Android и услугите на Google, какви сериозни индикации се појавија во изминатата недела? Ова прашање го поставуваат аналитичари, индустријата, па дури и обични потрошувачи.
Ситуацијата околу Huawei сега е како железна прачка која е притисната до грлото, со последователно задушување и смрт. Вметната во црната листа на САД, Huawei започна да ги чувствува ударите од довчерашните партнери – не само американски, кои се предадоа на притисокот на санкциите од страна на Владата на Доналд Трамп. Производителите на хардвер и софтвер одбија да работат со компанијата „опасна за националната безбедност“, и покрај недостатокот на економска логика за нив самите.
Дали ескалацијата на санкциите и обидот за уништување на Huawei – предводникот на кинеската хај-тек индустрија – ќе доведе до целосен расцеп во односите меѓу САД и Кина? Според повеќето аналитичари, тоа е малку веројатно и со текот на времето тензиите ќе опаднат, а двете страни ќе ја најдат точката на подносливиот компромис.
Сличен притисок САД направија и кон друга голема кинеска компанија ZTE, но на крајот скандалот исчезна и ZTE продолжи да работи на американскиот пазар, откако го смени раководниот тим и плати солидна парична казна за прекршоците, за кои беше обвинета.
Со Huawei сепак проблемот изгледа посериозен, бидејќи компанијата е втор по големина производител на смартфони, најголемиот снабдувач на телекомуникациска опрема и лидер во 5G технологијата – сфера во која водечките економии САД и Кина треба да се судрат за светска доминација.
Кои се можностите пред Huawei при се посигурниот бојкот на ARM и Android? Според аналитичарите од специјализираниот сајт „ExtremeTech“, Кинезите можат да се обратат до две отворени процесорски архитектури: RISC-V и MIPS. Првиот е отворен од своето основање, а MIPS е делумно отворен од крајот на минатата година.
MIPS сè уште не е во можност да се натпреварува со АРМ – водечка архитектура за паметни телефони. Imagination Technologies се обиде да го стори тоа пред Apple да го постави во состојба на банкрот. Но, архитектурата MIPS има одреден потенцијал и сет на алатки за дизајн на SoC (систем-на-чип, главна компонента на паметните телефони) и создавање на микрокод, откако досега се отворени само 32-битни инструкции.
Во исто време, кинеските програмери ги создадоа Loongson процесорите со јадрата Godson врз основа на MIPS. Ова се производи на долгорочна кинеска стратегија за замена на увозот, кои активно се користат во владината и воената опрема на земјата, како и во електрониката и компјутерите за локалниот пазар.
Архитектурата и сетот на инструкции на RISC-V се уште се ниско ниво, но интересот е зголемен во последниве години. Не само малку познати програмери, туку и ветераните Transmeta, експериментираат со технологијата. Western Digital исто така се обложува на RISC-V.
Интересот за RISC-V во Кина сè уште не е очигледен, но тоа може да се корегира. Санкциите и трговската војна со САД можат значително да го зголемат интересот за архитектурата и да станат двигател на напредокот.
Во секој случај, независно дали Huawei ќе биде заинтересиран за MIPS или RISC-V, може да потрае и до пет години за компанијата да развие и да ги поправи грешките на SoC врз основа на овие архитектури. Кинески MIPS специјалисти очигледно може да го забрзаат процесот на развој (SoC со Godson јадра веќе се користат), но дури и совршени, овие решенија веројатно нема да се натпреваруваат на исто ниво со ARM.
Покрај тоа, Huawei, ќе мора да создаде сопствен оперативен систем. Добро е познато дека компанијата веќе развива мобилна платформа и се очекува да ја заврши наскоро. Сепак, малку е веројатно дека со комбинацијата на новиот оперативен систем и новата Huawei процесорска архитектура, компанијата ќе го задржи масовниот потрошувач.
Пред Huawei следи тешка работа за да создаде целосно интегриран и удобен производ за просечниот човек. Ако тоа се случи, на планетата ќе се појави компанија која има моќ на Google и ARM. Веројатноста за ова е сосема мала, но постои можност за таков развој.
Ако санкциите не го убијат Huawei, компанијата на крајот ќе стане посилна – таа ќе биде Google и ARM во едно. Но, веројатноста за ескалација на конфликтот до целосно и конечно изолирање на Huawei од светската економија е доста мала, според повеќето аналитичари.