Шефот на дипломатијата Бујар Османи на еден месец пред одржување на Европскиот совет, останува оптимист дека уставните измени можат да бидат донесени, и дека нема да застанат се до последниот момент да работат за да се искористи овој момент неповторлив за брза патека за членство во ЕУ, во спротивно вели, требе со име и презиме да бидат посочени тие што ја загрозуваат европската иднина на државата.
-Не можам од сега да кажам дека ја пропуштаме шансата. Јас мислам дека треба да работиме до последниот здив, до последниот камен којшто е пред нас за да ги направиме уставните измени и да фатиме исчекор со оваа шанса. Но, ако не успееме ќе треба со име и презиме да ги кажеме тие што ја загрозуваат европската иднина, што го кочат просперитетот на оваа држава, реформите, владеењето на правото, што го кочат стандардот на граѓаните и ги тераат да заминат надвор од Северна Македонија. Тие луѓе со име и презиме ќе треба да бидат спомнувани во јавноста, вели Османи на новинарско прашање дали може и официјално да кажеме дека земјава нема да го исполни барањето за уставни измени и дека во декември ќе нема да може да преминеме во втората фаза од преговорите со ЕУ – отворање на поглавјата.
Тој појасни дека откако ќе заврши скринингот, доаѓаат скрининг извештаите од ЕК, врз основа на кои ние треба да ги подготвиме патоказите што се обврска за отворање на Поглавјето. При тоа чекор што е важен и што се носи исто така со консензус, тоа е писмото од Европскиот совет до земјите кандидати кои се одредници за отворање на поглавјата, а тоа писмо за земјава. Тоа писмо, потсетува Османи, помина со консензус од сите 27 земји членки, но не помина за Албанија поради оспорувањето од страна на Грција.
-Ние сме веќе еден чекор понапред во однос на одлуките. Сега, врз основа на тоа писмо што го добивме ние ги подготвуваме патоказите и ги доставуваме до ЕК и потоа ЕК до Европскиот совет. Сето тоа е во ред. Меѓутоа, без уставни измени ние нема да можеме да ја одржиме втората меѓувладина конференција во која што ќе се презентира преговарачката рамка со цел понатаму да се отвораат поглавјата и тука целосната, апсолутно целата историска одговорност ја носи конкретно со име и презиме пратеници во Собранието и одредена политичка партија и мислам дека секој од нас треба да се појави и да впери прст кон тие луѓе, кон таа политичка партија која што ја загрозува европската иднина. А зошто сметам така? Затоа што геополитичкиот момент е неповторлив за сериозна брза патека за членство во ЕУ во 2030 година и не сум сигурен дека истиот геополитички моментум ќе биде сочуван и идната година, рече министерот Османи.
Тој при тоа укажа дека кризата во Блискиот Исток веќе го дефокусира вниманието на светаката јавност од тоа што се случува во Украина, а руската агресија врз Украина беше сериозен геополитички моментум кој што го врати вниманието на европската јавност за потребата од проширување.
-Нема да застанеме се до последниот здив, до последниот момент за да го фатиме овој момент кој нема да се повтори, порача Османи во врска со комуникацијата со пратениците во Парламентот за уставните промени.