Ако владата не ни даде пари ќе се радикализираме, вели Арсовска

од Берта Китинска
309 прегледи

Доколку Владата не им даде пари на општините да си ги платат сметките за струја ќе следат радикални чекори ако Владата не ги сослуша и нема слух за нивите барања, најави градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, во име на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во емисијата Економски магазин на Алсат телевизија

„Доколку нема разговор, вториот заклучок кој го донесе ЗЕЛС е радикализација. Треба да разбереме дека имаме 81 општина од кои повеќето се мали, рурални кои што немаат начин како да генерираат повеќе средства. Нивното функционирање, начинот на којшто работат и постојат е доведено во опасност од оваа ситуација, а неизвесно е истата до кога ќе трае. Доколку не добиеме помош од централната власт ќе добиеме целосна нефункционалност на малите општини. Тие веќе го имаат потрошено буџетот предвиден за електрична енергија со сметки за два месеци. Ситуацијата и со јавните комунални претпријатија е до толку алармантна што прекинот на електрична енергија директно влијае и може да доведе до прекин и на водоснабдувањето. Затоа треба уште еднаш убаво да се размисли како ќе се реагира, затоа што ова се јавни услуги кои се од интерес пред се за граѓаните. Ние не зборуваме само за јавни претпријатија или општини, ние зборуваме за граѓаните на овие општини“, кажа Арсовска.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека е нормално дека ќе има разговори со новите градоначалници за изнаоѓање подобри решенија за енергетската криза, меѓутоа порача дека сите страни треба да го дадат својот придонес за справување со кризата.

Ковачевски рече дека иако општините доминантно во овој момент се водени од опозицијата тоа не треба да претставува никаква причина за одржување или неодржување на состанокот. Како премиер има комуникација со дел од градоначалниците за теми коишто ги засегаат, а тоа особено го имал како заменик-министер за финансии, додаде премиерот.

„Меѓутоа, во оваа криза сите треба да придонесат со своето работење и однесување во надминување на предизвиците“, рече Ковачевски, при што се осврна и на изборните програми на новите градоначалници и на ветувањата кои што ги даваа.

„Најголемата инфлација беше во ветувањата. Тоа беа ветувања коишто кога ќе ги ставите на хартија се прашувате на кој начин ќе се финансираат и сега гледаме дека тие ветувања ниту на интернет не може да ги најдете“, посочи Ковачевски.

Тој додаде дека новите градоначалници сами ги правеле буџетите.

„Кога се правеше Буџетот на Македонија во него се предвиде ставка за справување со кризата. Јас сметам дека тоа требаше да го направат и општините. Околу топлификацијата во Скопје, ние разговаравме со Градот Скопје бидејќи тоа е комунална услуга која што Градот ја обезбедува за граѓаните и само со 500 илјади евра учество на Градот Скопје ќе можеше да придонесе за непречено снабдување на граѓаните со топлинска енергија. Но, Градот Скопје тоа го одби и Владата прифати да го поднесе целиот товар“, рече Ковачевски.