Српскиот актер и режисер, Драган Бјелогрлиќ го привлекол вниманието на јавноста откако на прес конференција за прв пат прозборел за сообраќајната несреќа која ја предизвикал неговиот син Алексеј. Иако несреќата се случила пред повеќе од една година, веста „испливала“ дури сега.
Тогаш 18-годишниот Алексеј управувал со автомобилот без возачка дозвола и налетал на моторциклист и притоа тешко го повредил. Според пишувањата на српските медиуми, Алексеј на повредениот маж му платил 150.000 српски динари како би ја избегнал затворската казна.
Бјелогрлиќ, пак, смета дека на тој начин некој му се одмаздува. Уверен е дека текстовите, објавени 14 месеци по несреќата, се пишуваат бидејќи во серијата „Сенки над Балканот“ без влакна на јазикот зборува за состојбата во општеството.
– Овие отрови во иднина упатете ги кај мене, јас сум тука со име и со презиме, не чепкајте ми ја фамилијиата, децата, не само на мене туку на никој, на ниту една јавна личност, политичар од било која страна – рекол Бјелогрлиќ кој на конференцијата пристигнал со својот адвокат.
– Свесен сум дека не сум ниту прв ниту последен, но на огромна жал на оние кои воспостановиле методи на заплашување и замолчување на слободоумните луѓе, јас дојдов да кажам дека не им се плашам – додал актерот.
Драган ги демантирал и гласините дека Алексеј побегнал од местото на несреќата.
– Повикал итна помош, бил со повредениот и му предлжил да одат заедно во ургентно, но тој одбил. Тогаш дојде дома, ми кажа што се случило, заедно отидовме во ургентниот центар, а потоа и во полиција каде се пријави – открил Бјелогрлиќ за српските медиуми