Активисти ја обоија Бранденбуршката порта во портокалова боја

од Nikola Popovski
176 прегледи

Членовите на еколошкото движење „Последна генерација“ денеска ја испрскаа Бранденбуршката порта, симбол на Берлин, со портокалова боја.

„Протестот укажува дека е дојдено време за политички пресврт и откажување од фосилните горива и за поголема правда“, се наведува во соопштението на движењето „Последна генерација“, пренесува Хина.

Според полициското соопштение, во тек е акција при која се уапсени неколку лица на Парискиот плоштад, веднаш до Бранденбуршката порта.

Демонстрантите користеле пренаменети противпожарни апарати за да ја испрскаат бојата на Бранденбуршката порта и на Парискиот плоштад, каде се наоѓаат француската и американската амбасада.

Припадниците на „Последната генерација“ најавија интензивирање на акциите во Берлин во втората половина на септември со блокади на патиштата.

Акциите ќе бидат прекинати кога германската влада ќе ги исполни барањата на демонстрантите.

„Последната генерација“ бара Германија да се ослободи од фосилните извори на енергија до 2030 година, додека владата постави краен рок до 2045 година.

Фото:  Paul Zinken / dpa

Слични содржини