Северна Кореја извести за појава на нова заразна болест покрај актуелната епидемија на Ковид 19, истакнувајќи дека лидерот Ким Џонг Ун им ги делел личните лекови на болните.
Државната агенција КЦНА објави дека семејството на Ким ги понудило своите резерви од лекови на луѓето кои страдаат од „акутна ентерична епидемија“.
Не е прецизирано за која болест станува збор ниту колку луѓе се заразени.
Засега не е јасно колку е сериозна новата епидемија или каква е болеста, а коментаторите велат дека Северна Кореја веројатно се обидува да го подобри имиџот на Ким бидејќи му треба поголема поддршка поради тешкотиите што ги донесе Ковид, пренесува АП.
„Ентерична епидемија“ може да се однесува на заразни болести како што се тифус, дизентерија или колера. Станува збор за цревни заболувања кои се предизвикани од бактерии од контаминирана храна и вода или се пренесуваат со контакт со изметот на пациентите.