Поранешниот министер за правда Михајло Маневски и првата полицајка Гордана Јанкулоска, во снимениот разговорот што во неделата го објави лидерот на СДСМ Зоран Заев, во само пет и пол минути муабет пластично откриваат колку тежи раката на извршната власт врз судството, узурпација која Уставот не ја дозволува.

Втората снимка, пак, меѓу директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков и тогашниот вицепремиер, Муса Џафери во уште пократко време го мапира скандалозното влијание на партиите ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ врз секој од судовите. Мијалков и Џафери во неколку стотина секунди разговор ги потврдија новинарските истражувања од изминативе години кои пишуваа и откриваа кој суд под чија капа е.
За да се сфати колку постапките на Јанкулоска, Маневски, Џафери и Мијалков се недозволиви и надвор од нивната надлежност како функционери на извршната власт треба само да се погледне механизмот преку кој се избираат судиите, механизам кој во последниве 10 години неколку пати беше модификуван само за да се постигне уставниот идеал – судството да биде независна власт.
Изборот на судии сигурно не се одвива преку телефон и со досетки за тоа од каде доаѓа каменот, од блиску или од далеку.
Уставот на Република Македонија предвидува посебна независна институција, Судскиот совет да ги бира судиите. Највисокиот државен акт на судиите им гарантира имунитет, меѓутоа Уставот е јасен кога вели дека судската функција е неспоива со членување во политичка партија.
Затоа во најмала рака е спорен разговорот меѓу Јанкулоска и прилепскиот градоначалник Марјан Ристески во кој министерката бара мислење дали извесен судија е „нивен“, иако како што вели градскиот татко на Прилеп „малку лутал во Народна (н.з. ВМРО-НП)“.
Судскиот совет е замислен на таков начин што во вистинско демократско општество, каде постојат повеќе центри на моќ и каде властите се демократски менливи на релативно краток период, тој гарантира независност на одлуките и избор на професионални судии кои во иднината ќе одлучуваат единствено според сопственото стручно убедување.
Советот е составен од 15 членови и секој од нив има личен мандат од шест години, што значи дека не се бира целиот Судски совет туку секој член поединечно кога ќе му заврши мандатот.
Од тие 15 членови, дури осум избираат самите судии од своите редови на непосредни избори со отворени листи. Тоа претпоставува дека повеќе од половината членови на телото кое решава за судбината на судиите ќе доаѓаат директно од еснафот, од луѓето коишто си ја знаат работата. По функција, деветтиот член на Советот е моменталниот претседател на Врховниот суд, човек кој исто така доаѓа од пирамидата на судскиот еснаф.
Останатите членови на Судскиот совет може да се наречат политички решенија, меѓутоа и тие се предвидени да доаѓаат од различни центри на моќ, кои во нормално демократско општество, може да се случи да ги предлагаат различни политички сили. Двајца членови на Судскиот совет предлага претседателот на државата, додека нивниот избор сепак мора да помине низ Собранието, кое, пак, самото предлага и бира уште тројца.
По функција, исто така член на Советот е моменталниот министер за правда, како што во времето кога е снимен разговорот со Јанкулоска, најверојатно првата половина на 2011 година – Маневски е прв човек на ресорот Правда.
Подоцна, преку закон му се одзеде правото на глас на министерот за правда, а сега, со најновите уставни измени кои чекаат пратениците да ги изгласаат, министерот ќе биде изземен и од составот на Судскиот совет.
Членовите на советот се професионалци и имаат право на втор мандат од шест години, а доколку го напуштат ова тело ги чека старото работно место.
Судскиот совет е институцијата која бира судии и која решава кога некој од делителите на правдата треба да биде разрешен. Одлуките ги носи со двотретинско мнозинство, со најмалку десет членови и затоа во разговорот Јанкулоска и Маневски се загрижени што сѐ уште не ѝ „завршиле работа“ на членката на советот, бидејќи ако ја изгубат нејзината поддршка ќе останат без круцијалниот десетти глас.
Затоа Маневски неколку пати во разговорот вели дека таа е џокерот и оти без нејзиниот глас нема ниту избор ниту разрешување на судии.
Објавените разговори јасно покажуваат дека системот кој требаше да биде алатка за избор на независни судии е претворен во механизам за контрола врз нив.
Судскиот совет во изминатите години се најде во извештаите на Европската комисија и на американскиот Стејт департмент кои го критикуваа дека избира судии спротивно на законот, со тоа што не ги избира кандидатите кои имаат завршено обука во Академијата за судии и јавни обвинители, туку надворешни кадри, кои немаат ниту еден ден судиски стаж.
На ваков начин, преку овој судски совет се избрани над 330 судии, или половина од вкупниот број на делители на правдата, а голем дел од нив се блиски роднини на високи функционери во власта, и на судии чии имиња се јавуваа во големите корупциски случаи за кои се водеа постапки во изминативе години.
Така, децата на судиите и на обвинителите, вклучувајќи ги и децата на членовите на Судскиот совет беа избирани за јавни обвинители или за судии. Списокот на вработувања според заслугите на родителите е голем, како и листата на тие кои напредуваа во повисок суд./ТВ Нова