Албанската влада потпиша договор од 6,2 милиони евра со компанијата Сателоџик САД од американската сојузна држава Северна Каролина, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.
Според договорот, Албанија ќе има приоритетен пристап до два сателита кои ќе ги носат имињата Albania One и Albania Two, а треба да бидат лансирани заедно со другите сателити на компанијата преку SpaceX.
Компанијата Сателоџик треба да обучи експерти во албанската влада кои ќе ги анализираат и дистрибуираат до различни министерства податоците добиени со сателитски слики.
Официјалните лица рекоа дека снимките ќе ѝ овозможт на Албанија да се справи со прашањата околу управувањето со земјоделството, мониторингот на животната средина и полициските активности како што се следењето на нелегалното одгледување растенија, незаконското градење, сообраќајот, граничната безбедност и пожарите.
Албанскиот премиер Еди Рама соопшти дека сателитите ќе доведат до ново ниво на полициска работа во борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото.
-Главен инспекторат на небото што ќе има очи на целата територија на државата, што нема да има ниту партија, ниту братучеди, ниту привилегии. Со сателитите веќе нема да може да се гради без дозвола, бидејќи сателитите ќе можат да го видат секој волумен подигнат на површината на земјата, рече меѓу другото премиерот Еди Рама по потпишувањето на договорот.
-Владата, исто така, планира наскоро да купи вооружени дронови за борба против тероризмот или потенцијалниот непријател, додаде тој.