Албанија се приклучи кон блокирањето на прелетувањето на авионот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, изјави шефот на пратеничката група на Социјалистичката партија на Албанија, Тауљант Бала.
Бала зборуваше за тоа дека и Албанија го блокирала прелетот на рускиот авион кога одговори на обвинувањата на опозициските пратеници дека албанската влада не заземала став како другите балкански земји за пристигнувањето на Лавров во Србија.
„Албанија им се придружи на сите други земји кои го блокираа пристигнувањето на Лавров. Во воздушниот простор во кој требаше да дојде е и Албанија. Тој не доби зелено светло“, рече Бала, пренесе „Косово онлајн“.
Посетата на Сергеј Лавров беше откажана бидејќи Северна Македонија, Бугарија и Црна Гора го забранија прелетувањето на авионот во кој требало да биде шефот на руската дипломатија.
По откажувањето на посетата на Белград, Лавров одржа прес-конференција на која рече дека „се случило нешто незамисливо“.
„Се случи нешто незамисливо. На суверена држава и е одземено правото да води надворешна политика. Меѓународните активности на Србија во руска насока се блокирани. Мојата посета на Србија беше дочекана на Запад како закана. Дури и американскиот амбасадор во Белград порача дека Србија мора да избере. Нема слобода на избор во Брисел за која постојано зборуваат. Од гледна точка на Западот, Србија не треба да има никаков избор, тоа е лицемерие, но Западот се води по двојни стандарди и тие покажаа дека ќе вршат притисок врз Србија. И тие ја бомбардираа Југославија, тотално лицемерно“, рече Лавров на прес-конференција по откажувањето на посетата на Србија.