Албанија: Заразените со коронавирус нема да можат да гласаат

од Vladimir Zorba
194 прегледи

Претседателот на Централната изборна комисија во Албанија, Илирјан Челибаши, денес потврди дека граѓаните заразени со коронавирус нема да можат да гласаат на изборите на 25 април, наведувајќи дека тоа е пропишано со закон.

„Законот предвидува дека мора да се дојде до избирачкото место за да се гласа. Оние кои се во изолација поради Ковид-19 нема да можат да гласаат и ние ќе го почитуваме тоа“, рече Челибаши, пренесува БТА.

Критичарите, сепак, сметаат дека со тоа се крши Уставот, кој му гарантира право на глас на секој возрасен Албанец и дека не постои закон што го ограничува тоа право на луѓето кои страдаат од Ковид-19.

Албанија започна на вакцинација против коронавирус на почетокот на јануари благодарение на донацијата од 975 дози од неименувана земја-членка на ЕУ.

Вакцината беше меѓу првите што ја прими премиерот Еди Рама, кој рече дека „нема одобрување“ да каже која членка на Унијата ги доставила првите вакцини во Албанија.

Вакцинацијата не е задолжителна во Албанија.