Албанските политичари од земјава и честитаа на новоизбраната претседателка на Косово, Вјоса Османи. Меѓу првите со честитка се јави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Честитки до Вјоса Османи за изборот за претседател на Република Косово“, напиша на својот фејсбук профил шефот на дипломатијата.
Со честитка до Вјоса Османи излезе и лидерот на ДУИ и пратеник во Собранието, Али Ахмети.
„Мило ми е што денеска косовските пратеници успеаја да ја заокружат консолидацијата на институциите во земјата како резултат на волјата на граѓаните изразена на изборите на 14 февруари. Изборот на претседател на Република Косово е добра вест за сите и посакувам на г-ѓа Османи многу здравје, трпение и храброст во нејзината работа која се надевам дека ќе ја оствари само со успех. Кај нас ќе најдете братска рака за искрена соработка и поддршка. Секој успех на Косово ме прави среќен, затоа на сите граѓани им го честитам завршувањето на процесот на избор на состав на Собранието, новата влада и денес и новиот претседател на Косово“, напиша вчера вечерта лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Исто така и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, објави честитка за изборот на Вјоса Османи.
„Честитки за новоизбраната претседателка на Косово, Вјоса Османи. Женското лидерство докажува дека постои политичка и општествена воља за иклузивност, како и креирање на простор во кој таа ќе роди промени и резултати“, напиша вицепремиерот Фатмир Битиќи на својот фејсбук профил.
Инаку, косовскиот парламент ја избра 38-годишната правничка за нов претседател на таа држава, и тоа во вториот обид. Нејзиниот претходник, Хачим Тачи, поднесе оставка поради обвинението покренато од Специјалниот трибунал за Косово во Хаг. Вјоса Османи освои 71 глас во парламентот, кој има 120 места. По нејзиниот избор, политичарката, која меѓу другото е образувана во САД, повика на дијалог со Србија за нормализирање на односите меѓу двете страни. Но, таа веднаш постави и услов: владата во Белград прво мора да се извини и да ги покрене обвиненија против одговорните за војната во 1998/99 година.