Алгоритам за човечки ресурси: Facebook отпушти работници по случаен избор

од Vladimir Zorba
217 прегледи

Знаеме дека алгоритмите владеат со светот на социјалните мрежи, но не знаевме дека се користат и за менаџерски одлуки, како онаа за тоа кои вработени да се прогласат технолошки вишок и да бидат отпуштени. Токму тоа се случи неодамна во Меtа, чии канцеларии на Facebook во Остин, Тексас, вработуваат различни модератори на содржини. Таму работат преку посредничката агенција Accenture која има договор со Meta вреден дури 500 милиони долари годишно за ангажирање на привремени работници и слични услуги.

60 работници, кои работеа за Facebook преку Accenture, пред неколку дена беа отпуштени на прилично нехуман и неочекуван начин. Тие беа поканети на видео конференција, на која претставник на Accenture ги информираше дека на 2 септември ќе им престанат работните места и дека ќе ја земат платата за периодот до 3 октомври. Оваа форма на отказ можеби не е невообичаена во денешно време, доколку на вработените не им беше објаснето како се избрани за отказ – алгоритам.

Кога, всушност, еден од отпуштените прашал како се избрани лицата кои ќе бидат отстранети од нивните работни места, одговорот од Accenture бил: „Вие сте избрани по случаен избор на алгоритам“.

Не се објавени дополнителни детали за тоа како функционира тој систем.

Facebook прво се обиде да демантира дека имало отпуштања во Остин, бидејќи тој термин не се користи за ангажирани работници, но потврдија дека 60 луѓе останале без работа. Тие, исто така, негираа дека се работи за случаен избор на алгоритам. Меtа моментално се бори со профитабилноста, па директорите се обидуваат да ги замрзнат новите вработувања, да ги намалат трошоците и да ја зголемат продуктивноста на вработените кои остануваат на своите работни места.

Слични содржини