Кинескиот гигант за е-трговија „Алибаба“ планира да инвестира 2 милијарди долари во Турција, најавувајќи изградба на центар за податоци и логистика во Анкара и формирање на оддел за извоз на аеродромот во Истанбул.
Инвестицијата ја најави претседателот на групата, Мајкл Еванс, на средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, се вели во соопштението на турскиот огранок на „Алибаба“.
Временската рамка на инвестицијата не е наведена.
„Алибаба“ веќе има инвестирано 1,4 милијарди долари во Турција преку нејзината подружница „Трендиол“, која е меѓу најпознатите онлајн продавници во Турција, рече Еванс.
„Трендиол“, чиј претседател Чаглајан Четин, исто така, се состана со Ердоган, рече дека Еванс ги изложил деталите за новите инвестиции, како што е изградбата на податочен и логистички центар во Анкара и формирањето на извозен центар на аеродромот во Истанбул, пренесе Хина.
Ердоган моментално се наоѓа во САД, каде во понеделник започнува 78-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).