Алијанса на Села: Изоставувањето на Македонија од Одборот за мир е неуспех во надворешната политика

Алијансата за Албанците бара итно разјаснување од Владата и МНР зошто Македонија не е поканета во ова тело

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук

Едното од крилото на Алијансата на Албанците, предводено од Зијадин Села, изразува длабока загриженост во врска со фактот што Македонија не е вклучена во меѓународната иницијатива „Одбор за мир“, иницирана од американскиот претседател Доналд Трамп, при што забележуваат дека веќе се одредени земјите-членки од регионот.

Оваа партија вели дека ова невклучување не може да биде случајност туку го одразува, како што истакнуваат, недостатокот на политичка тежина на актуелната Влада.

-Фактот што Косово, Албанија, Бугарија и Турција се поканети да бидат дел од оваа платформа, додека Македонија е наведена на списокот на земји кои дури и не се поканети, претставува сериозен алармен сигнал за меѓународната позиција и дипломатскиот кредибилитет на нашата држава.

Ова исклучување не може да се смета за случајност. Тоа јасно го одразува недостатокот на политичка тежина и дипломатско влијание на актуелната влада на меѓународната сцена, како и неуспехот да се позиционира Северна Македонија како фактор на стабилност и сигурен партнер во регионалните и глобалните безбедносни иницијативи.

Алијансата за Албанците бара итно разјаснување од Владата и Министерството за надворешни работи: зошто Северна Македонија не е поканета во оваа иницијатива? Дали имало каква било официјална комуникација и дипломатски напори за вклучување, и какви би можеле да бидат политичките и стратешките последици од ова исклучување за земјата, прашуваат од едното од трите крила на АА.

Додаваат дека во време кога „Одборот за мир“ има за цел да изгради платформа за политичка и безбедносна соработка, невклучувањето на Македонија, заедно со неколку други земји од Западен Балкан, се толкува како јасна геополитичка порака за периферната улога во која се турка нашата земја.

-Алијансата за Албанците верува дека Северна Македонија има капацитет, искуство и одговорност да биде дел од секој сериозен механизам за мир и безбедност во регионот. Но, ова бара активна дипломатија, јасна надворешна политика и кредибилно управување – а не импровизации, молчење и изолација.

Ќе продолжиме да бараме транспарентност, институционална одговорност и јасна евроатлантска ориентација што гарантира дека Северна Македонија нема да биде изоставена од важните меѓународни процеси, стои во партискиот став на АА.