Парламентот е значаен партнер во пристапувањето во Европската Унија и затоа улогата на неговите тела – Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, ќе ги дефинираме преку Меморандум за соработка. Согледувајќи ја важноста да се има национален консензус, ќе ги направиме сите напори опозицијата да се вклучи во процесот, изјави заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, во своето обраќање на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ.
Од Алијанса за Албанците (АА) за „Локално“ велат дека како и досега без политички егоизам ќе продолжат да ги поддржат интеграциските процеси на државата.
– Алијансата за Албанците без политички егоизам, како никој друг, ги поддржа интеграциските процеси на државата, не оставајќи ни најмала дилема за нејзиното однесување во иднина во однос на оваа тема. Останува да се види колку нашата земја е подготвена да ги направи неопходните прилагодувања во корист на западните демократски вредности, почнувајќи од најелементарното поврзано со отстранувањето на ксенофобната дефиниција 20% на Албанскиот јазик во Уставот за да се премине на другите предизвици поврзани на потребата од еднаквост на сите граѓани без разлика, а особено во буџетот кој за Алијансата за Албанците има иста вредност, изјави Илире Даути за „Локално“.
Од друга страна опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува интеграција на Македонија во рамките на Европската Унија, но нема да поддржи промена на Уставот.
– Владата на СДСМ треба да одговори зошто немаа слух за потребата од национален консензус кога народот гласно се спротивставуваше на потценувачките договори? ВМРО-ДПМНЕ повика на обединување на народот протов штетните договори и политики и единствениот национален консензус кој во иднина ќе биде поддржан е волјата на народот. Во овој момент преговорите не се базираат на вистинска интеграција, туку на преговори за историски факти. Главниот проблем на нашата европска интеграција претставува Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во кој има потценувачки услови, нешто што владата на СДСМ го прифати. ВМРО-ДПМНЕ е за европска интеграција, но достоинствена, под услови кои важеле за сите земји членки кога го минувале процесот на преговори, велат од ВМРО-ДПМНЕ, велат за „Локално“.
Д.Ј.