Алијансата за Албанците ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за Законот за „Безбеден град“

Крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците најави дека во понеделник ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на измените на Законот за прекршоци, со кои се овозможува имплементација на системот „Safe City“ (Безбеден град).

од desk4
14 прегледи Фото: Фејсбук

Од партијата соопштуваат дека примената на овој систем отвора правни, уставни и социјални прашања, при што посочуваат дека тој во моментов се спроведува само во Скопје, Куманово и Тетово.

„Проект кој има за цел зголемување на јавната безбедност треба да се применува на целата територија на државата, а не делумно“, наведуваат од Алијансата за Албанците.

Во соопштението се укажува и на, како што велат, непочитување на Законот за употреба на јазиците, со образложение дека известувањата и санкциите кои произлегуваат од системот не се обезбедуваат рамноправно и на албански јазик.

Како дополнително прашање, од партијата го посочуваат и високиот износ на глобите, за кои бараат ревизија и прилагодување на прагот на толеранција.

„Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но таа не треба да се обезбедува преку казни кои ја нарушуваат економската благосостојба на граѓаните“, соопштуваат од Алијансата.

Партијата ги критикува и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, кои гласаа за стапување во сила на казнените одредби од 1 февруари, наведувајќи дека тоа е направено без, како што велат, адресирање на уставните аспекти поврзани со законот.

Во образложението за најавената иницијатива, од Алијансата за Албанците го посочуваат и примерот со Законот за трето дете, кој Уставниот суд претходно го укина поради селективна примена, наведувајќи дека очекуваат Судот да постапи и во овој случај.