Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети компанијата „Алкалоид АД Скопје“ , како и „Институтот за истражување и развој на Алкалоид – Фармацевтски корпоративен развој“, којшто се занимава со задоволување на најстрогите барања на европските и американските фармацевтски регулаторни органи кои како референтни се прифатени насекаде во светот.
При посетата, претседателот Пендаровски оствари средба со Генералниот директор и Претседател на управниот одбор на компанијата, Живко Мукаетов, како и со Виктор Стојчевски, Главен финансов директор и член на управниот одбор.
Раководството на „Алкалоид АД“ ги презентираше на Претседателот Пендаровски тековните активности на компанијата, резултатите од работењето, како и континуираните инвестиции. На полето на инвестициите, како што истакна генералниот директор Мукаетов, „Aлкалоид“ во изминативе две децении има инвестирано близу 200 милиони евра во фармацевтски производни капацитети, научно-истражувачки лаборатории, современа опрема, технологија, и кадар, а 10% овој износ е вложен во научно истражувачки дејности и осигурување на квалитетот на производите. Во таа насока, делегацијата оствари обиколка на алкалоидовиот „Институтот за истражување и развој – Фармацевтски корпоративен развој“ каде стоттина експерти од разни области работат на разни фази од развојот на фармацевтските производи.
„Научно истражувачката дејност во ‘Алкалоид’ има повеќедецениска традиција. Денес, водејќи се според начелата дека еден од најважните параметри за просперитетот на компанијата е зголеменото ниво на инвестирање во научни, истражувачки и развојни активности како и контрола на квалитетот на производите, во изминативе две децении, имаме вложено близу 20 миолиони евра во развојни лаборатории и во секторите за осигурување на квалитетот на производите. На годишно ниво, ‘Алкалоид’ во континуитет инвестира 3-5% од својот обрт во научно-истражувачки активности, знаење и човечки капитал, па токму овие инвестициски потфати ги сметаме за едни од клучните постулати во нашиот одржлив развој, а во иднина, лично би се заложил за интензивирање на овие активности на државно ниво“ – истакна Мукаетов.
Во текот на 2020 година компанијата реализираше инвестиции од околу 20 милиони евра.
Истакнувајќи ја неколку децениската традиција во работењето и општествената одговорност на Алкалоид, претседателот Пендаровски при посетата искажа верување дека и во услови на пандемијата на Ковид 19, компанијата ќе продолжи да инвестира во научно-истражувачки активности, знаење и секако во човечки капитал.
Групацијата „Алкалоид“ брои над 1.800 вработени во земјава и повеќе од 530 вработени во подружниците и во претставништвата надвор од Северна Македонија. Годинава компанијата реализираше 175 нови вработувања.