Алкалоид: За 2022 година планирана е изградба на неколку фотоволтаични централи со вкупна вредност од 200.000 евра

од Vladimir Zorba
279 прегледи

Бизнис-планот за 2022 година на фармацевтската компанија Алкалоид АД Скопје предвидува консолидирани продажби од над 224 милиони евра, што претставува раст од 8 % во однос на очекуваните за 2021 година.

Сегментарно, по профитни центри, 87 % од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 13 % ПЦ Хемија, козметика, билкарство.

Се очекува 35 % од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % од извоз.

Планираниот биланс на успех предвидува раст од 7 % на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA).

Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7 % во однос на очекуваната за 2021 година.

Инвестиции

Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении АЛКАЛОИД АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи преку 200 милиони евра.

Во 2021 година во употреба е пуштен погон за сопствено производство на влажни марамчиња, во вредност од близу 4 милиони евра. Влажните марамчиња Becutan се производ од портфолиото на брендот, за првпат воведени на пазарот во 2006 година, изработени споредоригиналната рецептура на фармацевтските експерти од „Алкалоид“. По 15 години нивно производство надвор од земјава, со отворањето на овој капацитет целосниот процес ќе се спроведува во погоните на компанијата на локалитетот„Лафома“ во Ѓорче Петров.

Исто така, во 2021 година започнаа изградбата и опремувањето на погон за производство на концентрати за раствори за хемодијализа, со потребните магацински простории за суровини и за готови производи. Вкупната вредност на овој проект изнесува 1,4 милиони евра.
Комплетирањето на оваа инвестиција е планирано во првата половина на 2022 година.

Бизнис-планот за 2022 година предвидува инвестирање на околу 14 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства.

Следната година е година која ќе ја одбележи реализацијата на исклучително значајни инвестициски проекти за компанијата.

АЛКАЛОИД започна со еден од најголемите инвестициски зафати во последниве десет години. Тоа е оформувањето нов производствен погон во Фармација – Производство на цврсти форми. Предвидена е изведба на 2.000 м 2 чисти простории, целосно во согласност со највисоките стандарди за фармацевтско производство, со законските регулативи во ЕУ и со GMP-прописите. Планираната вредност на инвестицијата е 4 милиони евра.

Во функција напроширување на капацитетите, планирано е и снабдување со нова производствена опрема во вредност од околу 6 милиони евра. Со ова повеќекратно ќе се зголемат прозводствените капацитети и ќе се создаде потенцијал за долгорочен, континуиран раст на продажбите, како и за нови вработувања.

Во тек е и изградба на нов објект со вкупна површина од 4.000 м2, кој ќе ги обезбеди неопходните придружни содржини за исполнување на комплетноста на GMP-прописите во растечките производствени капацитети. Централните гардероби ја претставуваат првата алка во синџирот на производствените услови на GMP. Планираната вредност на овој проект е 4 милиони евра.

Компанијата континуирано ги следи трендовите во енергетиката, а, наедно, заштитата на животната средина е еден од најголемите приоритети во деловната стратегија на АЛКАЛОИД.

За таа цел, компанијата ќе продолжи со инвестирање во производство на електрична енергија од обновливи извори за сопствени потреби.

АЛКАЛОИД АД веќе има добиено лиценца од Регулаторната комисија за енергетика за производство на електрична енергија за сопствени потреби. За 2022 година планирана е изградба на неколку фотоволтаични централи со вкупна вредност од 200.000 евра.

Слични содржини