Овогодинешниот приход, заработката и, следствено, растот на вредноста на акциите, што е забележан во технолошкиот сектор, доведе до тоа Microsoft да биде моментално највредната јавна компанија во светот. Нивната пазарна вредност е повисока од 2,5 трилиони долари, по што следи онаа на Apple, близу 2,5 трилиони. На третото место е нафтениот гигант Saudi Aramco, а по него е уште еден претставник на „биг тек“ – Alphabet.
Чадор-компанијата на Google, исто така, имаше одлични деловни резултати оваа година, а вредноста на нејзината акција се зголеми за речиси 70% од јануари. Така Alphabet накратко ја премина „округлата“ граница овој понеделник, па сите нејзини акции вредеа повеќе од 2 трилиони долари вкупно. Ова е првпат Alphabet да го достигне ова ниво на пазарна вредност.
Раст на приходите и профитот
Ваквиот резултат е последица на објавувањето на финансискиот извештај за третиот квартал, во кој приходите на компанијата изнесуваат 65,1 милијарди долари или за 41% повисоки од лани во истиот период. Најголем генератор на приходи беше онлајн рекламирањето, додека ЈуТјуб и облачните услуги се чини дека донекаде не успеаја. Сепак, добивката за тримесечниот период изнесува дури 21 милијарда долари и е за речиси 80% поголема во однос на третиот квартал од минатата година.
Откако достигна нешто повеќе од 3.000 долари, цената на акцијата на GOOG падна за нешто повеќе од 1% до крајот на работниот ден на Волстрит, а со тоа, пазарната вредност на компанијата го заврши денот близу 2 трилиони долари. Во моментов, Alphabet вреди 1,98 трилиони, но веројатно е прашање на денови кога ќе остане над „магичната граница“.