Американскиот технолошки гигант „Амазон“ денес објави дека ќе отвори 75.000 работни места низ целата мрежа на магацини и дистрибутивни центри во САД и Канада.
Компанијата, исто така, најави дека ќе понуди бонус од 100 долари на нови вработени кои имаат потврда дека биле вакцинирани против Ковид-19.
Амазон додаде дека ќе понуди просечна почетна плата од 17 долари на час на тие работни места, што е одраз на неодамнешното зголемување на платата во опсег од 50 центи до три долари на час за повеќе од половина милион вработени во САД кои работат во таа компанија, пренесе CNBC.
Нудењето разни поволности со цел да се привлечат кандидати е сè пошироко распространет феномен меѓу американските компании кои бараат работна сила на сè послабиот пазар на труд.
Некои компании велат дека имаат проблем да најдат работници, што им го припишуваат на зголемените бенефиции што ги уживаат невработените. Критичарите велат дека работодавците треба да размислат за зголемување на платите за да привлечат работници.
Компаниите, вклучувајќи ги „Чипоти“ и „Мекдоналдс“, најавија покачување на платите во последните денови со цел да привлечат работници.
Од истата причина, Амазон нуди бонус до 1.000 долари за потпишување договори за вработување на некои локации за привлекување работници.
Компанијата водеше агресивна политика за вработување нови луѓе за време на пандемијата на коронавирусот, регрутирајќи дури 500.000 работници во 2020 година за да го исполнат силниот скок на побарувачката од онлајн купувачите.
Во исто време, профитот беше инвестиран во физичко проширување на бизнисот, отворање нови магацини, бази за воздушен транспорт и други објекти со исклучително брзо темпо, додава CNBC.