Американскиот гигант за онлајн купување, Amazon го купува холивудското филмско и телевизиско студио MGM, кое снимаше филмови за Џејмс Бонд и други хитови.
Amazon ќе плати 8,45 милијарди долари за MGM, така што ќе биде втора по големина набавка по купувањето на ланецот супермаркети Whole Foods за речиси 14 милијарди долари во 2017 година.
Ова е најновата набавка во медиумската индустрија, чија цел е зајакнување на стриминг услугите во конкуренција на Netflix и Disney+. AT&T и Discovery на 17 мај објавија дека ќе ги спојат своите медиумски компании за да формираат силна група која вклучува HGTV, CNN, Food Network и HBO.
Amazon не наведува колку луѓе го гледаат нејзиниот видео сервис Prime, но има пристап до повеќе од 200 милиони затоа што се членови на Amazon Prime, преку кое добиваат побрзи испораки и други поволности.
Покрај Prime Video, Amazon има и бесплатен стриминг сервис наречен IMDbTv, каде што Amazon заработува со пуштање реклами за време на филмови и серии.
Купувањето на студиото MGM му овозможува на Amazon пристап до дополнителни филмови, серии и познати ликови, како што се Роки, Робокоп и Пинк Пантер. Amazon исто така ќе го добие кабелскиот канал Epix во сопственост на MGM.
Познато по своето лого со лавот, Метро-Голдвин Мејер (MGM) е едно од најстарите холивудски студија основано во ерата на немиот филм, во 1924 година. Има долга листа на класици во нејзина сопственост, вклучително и „Singin’ in the Rain“, а меѓу поновите е телевизиската серија Shark Tank, како и новиот филм за Џејмс Бонд „No Time to Die“ и филмот за Арета Френклин „Respect“.
Amazon има свое студио, но не го постигна очекуваниот резултат. Две негови телевизиски серии – „Marvelous Mrs. Maisel“ и „Fleabag“ ги освоија Еми наградите за најдобра комедија, но многу филмови слабо се претставија во кината.
Со оваа набавка, Amazon, која веќе е една од најмоќните и највредните компании во светот, ќе стане уште поголема.