Amazon повлече од пазарот шест модели преносни батерии од линијата AmazonBasics. Вкупната бројка на повлечените производи е околу 260 000, а причината се 53 различни случаи на прегревање на уредите во САД. Во еден случај, се појавил и пожар што предизвикал материјална штета.
Во врска со тоа, Американската комисија за безбедност на потрошувачките производи (United States Consumer Product Safety Commission) пушти порака дека преносните батерии од линијата AmazonBasics се опасни и нивната употреба може да доведе до прегревање, оган и изгореници.
И шесте погодени модели се произведени во Кина од Guoguang Electric Company Limited и вклучуваат варијанти со капацитет 16.100mAh, 10.000mAh, 5.600mAh, 3.000mAh, 3.000mAh со microUSB кабел и 2.000mAh со microUSB кабел.
Amazon ги отстранил производите од нивната страница и ги повикал сите сопственици веднаш да ги вратат.