Амазон привремено затвора складиште поради ширење на вирусот меѓу работниците

од Nikola Popovski
305 прегледи

Американскиот гигант за трговија на Интернет „Амазон“ објави дека ќе затвори еден магацин во Њу Џерси на една недела по зголемувањето на бројот на асимптоматски случаи на инфекција со Ковид-19 кај работниците.

„Преку интерна програма за тестирање на Ковид-19, откривме зголемување на бројот на асимптоматски случаи на инфекција во нашиот објект ПНЕ5 во северен Њу Џерси. Сакавме да бидеме крајно претпазливи затоа проактивно го затворивме објектот до 26 декември“, соопштила портпаролката на Амазон во неделата.

Компанијата не наведе колку работници во центарот за сортирање се заразиле, истакнувајќи само дека работниците ќе добијат надомест за периодот во кој ќе мора да останат дома поради затворањето.

Во октомври, најголемата светска онлајн платформа за малопродажба соопшти дека повеќе од 19 000 нејзини работници во САД биле заразени со коронавирус, или 1,44 проценти од вработените, според синдикалците, кои го критикуваа односот на компанијата кон работниците за време на пандемијата.

Работници, политичари и синдикати во последните месеци постојано ја обвинуваат Амазон за загрозување на здравјето на своите вработени со држењето на магацините отворени за време на пандемијата.

Компанијата тогаш најави дека ќе го прошири тестирањето како дел од внатрешната програма до 50.000 работници на ден до крајот на ноември во САД.

Амазон во неделата изјави дека затворањето на магацин во Њу Џерси нема да влијае на нивниот бизнис или испораките.

Слични содржини