На американскиот гигант „Амазон“ му се заканува можна казна од 425 милиони долари (околу 350 милиони евра) за наводно кршење на регулативата за заштита на личните податоци (GDPR).
„Волстрит журнал“, повикувајќи се на анонимни извори, посочува дека органите за заштита на податоците од Луксембург, каде што „Амазон“ има свое европско претставништво, ја предложиле оваа санкција на другите регулаторни тела на ЕУ, откако беше утврдено дека „Амазон“ користи лични податоци на клиенти од Европа за комерцијални цели, што е незаконски според регулативата за заштита на податоците, пренесе шпански „Cinco dias“.
GDPR, меѓу другото, имплицира дека корисниците даваат согласност на компаниите да ги користат нивните лични податоци.
Според весникот, за санкцијата е потребна согласност од европските регулатори, а процесот може да трае со месеци и да доведе до промени во предложената парична казна.
Предложената казна од Луксембург би претставувала околу 2 проценти од нето добивката на „Амазон“ во 2020 година. Доколку казната биде изречена, би била најголема во историјата на Европската унија за нарушување на приватноста.
Казната нема да влијае на истрагата што Брисел ја отвори против „Амазон“ поради наводна неконкурентност, ниту истрагата за злоупотребите на веб-услугата на „Амазон“.
Според WSJ, луксембуршката агенција за заштита на податоците веќе добила приговори од други европски агенции за приватност на висината на предложената казна и тие сметаат дека треба да биде поголема.
Европските закони за заштита на податоците предвидуваат можност за казнување до 4 отсто од годишниот приход на компаниите, што во овој случај би значело парична казна до 700 милиони.
Овој случај се приклучува на други случаи против гиганти како „Гугл“ и „Епл“, кои беа покренати во Ирска, во земја во која овие компании имаат свои европски канцеларии.