По посетата на американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар на Косово, Американската амбасада во Приштина соопшти дека високиот функционер, по средбите со лидерите во Приштина, опозицијата, граѓанското општество и претставниците на медиумите, рекол дека Косово и САД во моментов се соочуваат со предизвици во билатералните односи, но поддршката на Америка за жителите на Косово е непоколеблива.
Американската амбасада, покрај објавените фотографии од средбите на Ескобар, изјави дека функционерот рекол оти односите меѓу САД и Приштина се на најниска точка, пренесува „Албаниан пост“.
За потсетување, американскиот државен секретар Ентони Блинкен побара од Приштина и Србија да „избегнуваат тензии“ и да ја зголемат транспарентноста и соработката со меѓународните партнери.
На прес-конференцијата со австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, Блинкен го повтори американскиот став дека дијалогот со посредство на Европската Унија е единствениот начин да се оди напред на патот кон нормализирање на односите.
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, претходно изјави дека не успеал да го убеди Албин Курти да ја смени одлуката за забрана на употребата на динарот на Косово.
„Потребно ни е решение. Затоа побарав од премиерот да ја суспендира одлуката додека ние заедно со Европската унија, САД и Косово работиме на долгорочно решение кое ќе ги задоволи вашите потреби. Тоа вклучува електронски трансфери во евра преку косовскиот систем. Но, сега мораме нешто итно да направиме. За жал, не можев да го обврзам на тоа“, вели Ескобар во интервју за „Радио Слободна Европа“.