Милијардерот и основач на компанијата за спортска облека „Патагонија“ од Калифорнија одлучи да ја предаде компанијата на добротворна фондација.
Секој профит што не се инвестира во развој на бизнисот според новата сопственичка структура ќе биде пренасочен во борбата против климатските промени, рече Ивон Шуинар.
На годишно ниво тоа ќе изнесува околу 100 милиони долари, но напоменува дека тоа ќе зависи од финансиската состојба на компанијата.
„Патагонија“ продава облека за пешачење и други спортови на отворено во повеќе од десет земји.
На веб-страницата на брендот пишува: „Земјата сега е наш единствен акционер“.
Основана е во 1973 година и нејзиниот годишен приход се проценува на 1,5 милијарди долари.
Проценетата нето вредност на основачот на компанијата е околу 1,2 милијарди долари.
„Ресурсите на Земјата не се бесконечни и јасно е дека ги надминавме нејзините граници. Наместо да ја исцрпи Земјата и да ја претвори во профит, компанијата Патагонија ќе го инвестира богатството што го создава во заштита на изворот од кој е создадена“, рече Шуинар.
Калифорниската фирма веќе донирала еден процент од својот годишен профит на локални активисти и е посветена на одржлив развој.
Претприемачот во отворено писмо до клиентите рече дека сака да направи уште повеќе по ова прашање.