Семејството на Американец затворен во Русија, врз основа на спорната пресуда за шпионажа, му го пренесе неговиот повик на претседателот на САД, Џозеф Бајден, да побара од претседателот на Русија, Владимир Путин, да го ослободи на претстојната средба.
На видеото што денес го сподели семејството на Пол Вилан, тој вели: „Ве молиме, ставете крај на овој ужасен случај на заложничка дипломатија. Јас сум невин. Немаше кривично дело шпионажа. Тајно судење, без доказ, ги потврдува тие факти“.
Тој тврди дека бил во Русија во 2018 година како турист, а бил уапсен во Москва и осуден на 16 години затвор.
На почетокот на јуни, во интервју дадено од затвор, Вилан го повика Бајден да размени затвореници за време на состанокот со Путин во Женева на 16 јуни.
Во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си (НБЦ), рускиот претседател навести денес дека ќе ја разгледа можноста за размена на затвореници меѓу Русија и САД.
„Да, да, секако“, рече тој на прашањето за можното истовремено ослободување на Пол Вилан и Тревор Рид – Американци затворени во Русија и Руси, кои се во притвор во САД.
Семејствата на двајца Руси затворени во САД, дилерот на оружје Виктор Бут и Константин Јарошенко, рускиот пилот обвинет за трговија со кокаин, исто така апелираа за нивно ослободување.