Американската компанија планира да отвори филмско студио во вселената

од Vladimir Zorba
294 прегледи

Space Entertainment Enterprise (S.E.E), компанијата која е копродуцент на најавениот филм што Том Круз сака да го сними во вселената, планира да создаде спортска арена и продукциско студио во нулта гравитација.

Според Variety, S.Е.Е. ги открила плановите за изградба на модул за вселенска станица со простор за спорт и забава, како и студиски простор што ќе го користи за производство на свои проекти, но кој исто така ќе биде изнајмен на други заинтересирани ентузијасти. Овие планови, како што е најавено, треба да се реализираат до декември 2024 година.

Наречен SEE-1, модулот е наменет за филмски, телевизиски, музички и спортски настани, како и уметници, продуценти и креативци кои сакаат да создаваат содржина во вселената, а капацитетите ќе овозможат развој, продукција, снимање, емитување и во стриминг во живо на настани.

Во „кинематската вселенска трка“ Русија води во однос на Соединетите Американски Држави, кои најавија и снимање на филм во вселената вреден 200 милиони долари.

Актерката Јулија Пересиљд и режисерот Клим Шипенко се искачија во вселената на 5 октомври минатата година, каде што поминаа 12 дена во мисија за снимање на остварување наречено „Предизвик“. Станува збор за „вселенска драма“ за руски лекар кој е испратен во Меѓународната вселенска станица да го спаси животот на астронаут.

Модулот на руското вселенско летало Сојуз МС-18 успешно слета на 17 октомври 2021 година, а тимот не го криеше својот ентузијазам што сними снимка во нулта гравитација за првиот филм снимен во вселената.

Од друга страна, во јули 2020 година беше објавено дека холивудската ѕвезда Том Круз и режисерот Даг Лајман планираат да снимаат долгометражен филм во вселената во соработка со SpaceX на Елон Маск и НАСА.

Извори блиски до порталот Variety тогаш тврдеа дека буџетот на овој филм би бил најмалку 200 милиони долари, додека Том Круз (кој ќе биде и продуцент) според проценките би заработил меѓу 30 и 60 милиони долари.

Сепак, датумот на почеток на овој филм сè уште не е објавен.

Слични содржини