Американската кошаркарка почна да ја издржува казната во руската колонија

од Nikola Popovski
139 прегледи

Американската кошаркарка Бритни Грајнер почна да ја отслужува деветгодишната казна за поседување дрога во руска казнена колонија, објавија нејзините адвокати. Грајнер беше префрлена во казнена колонија во Мордовија, на околу 350 километри источно од Москва, откако рускиот суд ја одби нејзината жалба против нејзината казна минатиот месец.

Нејзините адвокати рекоа дека ја посетиле претходно оваа недела.

„На Бритни и оди како што може да се очекува и се обидува да остане силна додека се прилагодува на новата средина“, велат нејзините адвокати во соопштението.

Двократната освојувачка на златен олимписки медал беше приведена во февруари кога цариниците рекоа дека на московскиот аеродром Шереметјево во нејзиниот багаж пронашле капсули со масло од канабис.

На судењето, Грајнер призна дека имала капсули со масло од канабис во багажот, но сведочеше дека ненамерно ги спакувала во брзањето да избега од војната и дека немала криминална намера. Нејзиниот тим за одбрана поднесе писмени изјави во кои се вели дека и е препишан канабис за лекување на хронична болка.

Таа во август беше осудена на девет години затвор.

Американската администрација со месеци се обидуваше да преговара за ослободување на Грајнер и уште еден Американец затворен во Русија, извршниот директор за корпоративна безбедност во Мичиген, Пол Вилан, вклучително и можна размена на затвореници со Москва.

Вилан исто така беше испратен во казнена колонија во Мордовија, откако беше прогласен за виновен за шпионажа во 2020 година и осуден на 16 години затвор.

Претседателот Џо Бајден им рече на новинарите минатата недела дека се надева дека рускиот претседател Путин ќе биде поспремен да преговара за ослободување на Грајнер.

„Се надевам дека сега кога изборите завршија, господинот Путин ќе биде подготвен посериозно да зборува за размена на затвореници“, рече Бајден.

Слични содржини