Американската министерка за финансии Џенет Јелен се најде на насловните страници откако беше откриено дека јадела кинески специјалитет со халуциногени печурки за време на посетата на Пекинг.
„Отидов на вечера со голема група луѓе, а лицето кое беше одговорно за организацијата ни ги нарача оброците. Меѓу нив имаше и многу вкусен специјалитет со билки кои имаат халуциногени својства, но за тоа дознав дури подоцна“, изјавила Јелен за CNN.
Ова јадење е направено од печурката „Lanmaoa asiatica“.
Д-р Питер Мортимер, професор на Институтот за ботаника „Кунмин“, вели дека овие печурки се сметаат за отровни бидејќи можат да бидат халуциногени.
„Сепак, научниците сè уште не ги идентификувале соединенијата одговорни за предизвикување халуцинации. Останува мала мистерија. Имам пријател кој ги јадеше по грешка и халуцинираше три дена“, рекол тој.
Јелен била во Кина во четиридневна посета, која, заедно со посетата на државниот секретар Антонио Блинкен претходно во текот на летото, беше прва посета од некој висок американски функционер по повеќе од три години.
Јелен го пофалила нејзиното патување, велејќи дека тоа ги става односите на САД со Кина на „постабилна основа“.
Помошничка на министерката потврдила дека таа јадела јадење со печурки во ресторан, пренесува Гардијан.
„Можам да ви кажам дека никој од нас не беше под влијание од печурките“, изјавила Јелен низ смеа за CNN, пред да ја прашаат што мислела кога рекла дека дознала за ефектите од печурките „подоцна“.
„Прочитав дека ако печурките се зготват правилно, што сум сигурна дека беше случај во овој многу добар ресторан, тие немаат ефект. Но, сите уживавме во печурките и ресторанот и никој од нас не почувствува никакви лоши последици откако ги јадеше“, додала министерката.
Фото: Alex Wong/Getty Images