Буџетската поддршка на Соединетите држави за Украина сега е поважна од кога било, рече американската министерка за финансии Џенет Јелен.
„Американската финансиска помош е поважна од кога било, бидејќи е нераскинливо поврзана со успехот на Украина на бојното поле и помага да се зајакне националната безбедност на САД“, наведе Јелен по повод усвојувањето на законот за дополнителна помош за Киев од американскиот Сенат.
Според неа, доделувањето дополнителни средства за Украина ќе биде „гаранција“ за другите донатори на Киев дека САД продолжуваат да ја поддржуваат таа земја.
„Меѓународните партнери, освен Соединетите Американски Држави, покриваа приближно три четвртини од надворешните потреби на Украина за финансирање во 2023 година и ќе продолжат да го прават тоа во 2024 година“, истакна таа.
Подвлече дека недостатокот на таква поддршка може негативно да влијае на американската безбедност и да ја ослабне позицијата на Украина, што би било победа за противниците на САД.
Американскиот претседател Џозеф Бајден во вторникот го поздрави одобрувањето од Сенатот на нацрт-законот за помош од повеќе милијарди долари за Украина и го повика Претставничкиот дом да дејствува исто толку брзо.