Петтата флота на американската морнарица пресретнала рибарски брод во Оманскиот залив кој шверцувал нешто повеќе од 2.000 автомати АК-47 од Иран во Јемен, соопшти денеска прес-службата на американската морнарица.
Бродот бил пресретнат на рута која во минатото се користела за транспорт на нелегални пратки до Хутите во Јемен, а екипажот бил составен од шест јеменски државјани, пренесува „Ројтерс“.
„Оваа пратка е дел од континуираниот модел на дестабилизирачки активности од Иран“, рече командантот на 5-та флота на американската морнарица, Бред Купер, додавајќи дека таквите закани го привлекуваат вниманието на морнарицата.
„Остануваме во состојба на висока готовност за да откриеме каква било поморска активност што ја попречува слободната навигација или ја загрозува регионалната безбедност“, рече Купер, а пренесува порталот DVIDS.
Во последните два месеца Петтата флота пресретна уште два рибарски брода во Оманскиот залив кои шверцувале оружје од Иран во Јемен, пренесува „Танјуг“.