Американскиот претседател Џо Бајден за време на своето годишно обраќање за состојбата на Унијата подоцна денеска ќе објави дека ѝ наложил на американската војска да ја води изградбата на пристаниште на брегот на Газа на Средоземното Море кое ќе треба да овозможи зголемување на количеството помош што ќе доаѓа до палестинските цивили, пренесува „Хил“.
„Знаеме дека помошта што доаѓа во Газа не е воопшто доволно и не доаѓа доволно брзо. Претседателот повторно ќе стави јасно до знаење дека сите ние треба да направиме повеќе, а САД прават повеќе“, истакна висок претставник на администрацијата на Бајден.
Пристаништето ќе може да прима големи бродови што ќе доставуваат храна, вода, лекови и други резерви во Газа која со месеци е под израелски оган како одговор на терористичките напади на Хамас во октомври минатата година.
„Бајден ќе ја упати американската војска да ја преземе мисијата заедно со сојузниците и хуманитарните партнери,“ изјави висок претставник на администрацијата. Проектот ќе потрае неколку недели за планирање и извршување и „ќе вклучи сили што веќе се во регионот или кои ќе бидат таму наскоро.“
За проектот нема да бидат потребни американски трупи на терен во Газа. Планот вклучува американски воен персонал на воените бродови на море, од кои нема да се бара да излегуваат на брегот.
Првичните испораки на залихи ќе доаѓаат преку Кипар, овозможени од американската војска и партнерите. Официјални лица рекоа дека САД ќе соработуваат со ОН и со други хуманитарни партнери за дистрибуција на помошта низ Газа откако ќе стигне до пристаништето.
Висок претставник на администрацијата рече дека САД „имале многу блиска соработка со Израелците во развојот на оваа иницијатива“.