Два воени брода на американската морнарица пловат низ меѓународните води во Тајванскиот теснец, што е прва ваква операција од почетокот на зголемените тензии со Кина поради посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван.
Американски официјални лица, кои сакаа да останат анонимни, изјавија за Ројтерс дека крстосувачите на американската морнарица „Чанселорсвил“ и „Антиетам“ спроведуваат операција која сè уште е во тек.
Ваквите операции обично траат меѓу осум и 12 часа и се внимателно следени од кинеската војска.
Во последниве години, американските воени бродови, а повремено и оние од сојузничките земји, како што се Велика Британија и Канада, рутински пловеа низ теснецот, предизвикувајќи незадоволство на Пекинг.
Кина, која го смета Тајван за своја територија, на што се противи владата во Тајпеј, започна воени вежби во близина на островот по посетата на Пелоси на почетокот на август, потсетува Ројтерс.
Потоа, пет американски конгресмени го посетија Тајван, а на 26 август американската сенаторка Марша Блекбурн слета во Тајпеј.
САД, како и повеќето земји, немаат формални дипломатски односи со Тајван, но имаат закон кој ги обврзува да обезбеди одбранбени ресурси на островот.