Извештајот што го побара американскиот претседател Џо Бајден од неговите разузнавачки служби за потеклото на „Ковид-19“ не дава конечен одговор на ова чувствително прашање, објавија американските медиуми во вторникот.
На крајот на мај, Бајден побара одговор на тоа прашање од американското разузнавање во рок од 90 дена.
Тој во вторникот доби доверлив извештај, но не даде конечен одговор, бидејќи лидерте на разузнавачките служби не можеа да се договорат за конечното објаснување, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на двајца неименувани американски службеници запознаени со ова прашање.
Ова делумно се објаснува со фактот дека Кина не обезбедила доволно информации, според „Волстрит Журнал“, повикувајќи се и на два неименувани извори.
Според извори цитирани од Вашингтон пост, разузнавачките служби ќе се обидат да ја отстранат ознаката за тајност од делови од извештајот во наредните денови за да може да се објави.
Пекинг во средата повторно ја отфрли можноста за нова истрага на Светската здравствена организација (СЗО) на нејзината територија во врска со хипотезата дека вирусот „избегал“ од лабораторија во Вухан.
„Кина не мора да ја докажува својата невиност“, рече во средата Фу Конг, генерален директор на одделот за контрола на вооружувањето на Министерството за надворешни работи на Кина.
„Ако Соединетите држави мислат дека Кина е виновна, тогаш тие треба да презентираат докази“, рече тој.
Според податоците на АФП собрани од официјални извори, пандемијата „ковид-19“ однесе 4.439.888 животи од крајот на 2019 година.