Американскиот министер за одбрана Лојд Остин во четвртокот во Брисел ја потврди посветеноста на членот 5 за колективна одбрана, нагласувајќи дека САД ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО доколку е потребно.
„Постојано слушате од нас дека Соединетите Држави се апсолутно посветени на членот 5 и дека сме решени да ја браниме секоја педа од територијата на НАТО ако и кога ќе дојде до тоа“, рече Остин пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
Во рамките на тој состанок ќе се состане и Групата за нуклеарно планирање на НАТО, а на состанокот ќе се разговара за опасната руска нуклеарна реторика и улогата на нуклеарните капацитети на НАТО во зачувувањето на мирот и одвраќањето на агресијата.
Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе употреби нуклеарно оружје откако руските сили претрпеа неколку порази во Украина во последните неколку недели.