Сенатот, горниот дом на Конгресот, американскиот парламент, оваа недела ќе се обиде да ја спречат Калифорнија да имплементира сет стандарди за емисии на возила кои се построги од федералните, што ќе доведе до постепена забрана за продажба на нови автомобили со бензински мотори до 2035 година.
Лидерот на мнозинството, републиканец Џон Тун, денес изјави дека Сенатот ќе почне да разгледува три резолуции усвоени од Претставничкиот дом, кои би ги поништиле стандардите на Калифорнија, а конечната одлука би можела да се донесе уште оваа недела.
Во 2019 година, администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја блокираше можноста на Калифорнија да ги спроведува сопствените стандарди за емисии, но последователната администрација на Џозеф Бајден го поништи тоа.
Републиканците тврдат дека правилата на Калифорнија водат до наметнување на електрични возила низ цела САД, откако десетина држави веќе одат во тој правец.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, демократ, во 2020 година објави дека ќе ја забрани продажбата на сите нови возила на бензин во рок од 15 години, како дел од агресивните напори за намалување на емисиите на загадување од сообраќајот. Хибридите со приклучок и половни автомобили на бензин сè уште би можеле да се продаваат по истекот на рокот.
Њусом рече дека напорите на Сенатот се уште еден показател за идеолошкото поместување на републиканците од ерата во која поранешните претседатели Ричард Никсон и Роналд Реган потпишаа значајни закони за заштита на животната средина во ерата во која Трамп спроведува антиеколошки политики.
Иако на републиканците им е потребно само просто мнозинство за да ги блокираат правилата на Калифорнија и да ја испратат одлуката до Трамп за потпишување, не е јасно дали ќе имаат доволно гласови за да го сторат тоа.