Се очекува американското воено раководство оваа недела да се соочи со тешко сослушување за хаотичниот крај на војната во Авганистан, која ги чинеше животите на неколку припадници на американската војска и цивили и ги врати Талибанците на власт.
Комитетите на Сенатот и Претставничкиот дом, кои ги следат активностите на американската армија, денеска и утре ќе одржат сослушувања, на кои републиканците се надеваат дека нема да ја споделат одговорноста за грешките што администрацијата на Бајден ги направи пред крајот на дведецениската војна.
Ова ќе следи по сличното сослушување одржано пред две недели за време на кое американскиот државен секретар Ентони Блинкен упорно ги бранеше постапките на администрацијата на Бајден, дури и кога се соочуваше со повици за оставка.
Се очекува американскиот секретар за одбрана Лојд Остин да ги пофали припадниците на американската војска кои помогнаа во евакуацијата на 124.000 Авганистанци во операцијата која ги чинеше животите на 13 американски војници и десетици Авганистанци по самоубиствен напад пред аеродромот во Кабул.
„Остин се очекува да биде искрен за работите што можевме да ги направиме подобро“, изјави американски претставник за новинар на Ројтерс.