Севернокорејскиот државен медиум KCNA повторно известуваше за американскиот војник Тревис Кинг (23), кој доброволно ја преминал границата меѓу Јужна и Северна Кореја во јули. Да потсетиме, војникот побегнал во Северна Кореја за време на групна обиколка на демилитаризираната зона.
Тој требало да се врати во САД после оддалечување од војската откако отслужил време во притвор во Јужна Кореја за напад на двајца Јужнокорејци и оштетување на полициско патролно возило. Бил испратен до комерцијален аеродром надвор од Сеул.
Откако поминал низ царината, Кинг го пропуштил летот и наместо тоа отишол на обиколка на границата меѓу Јужна и Северна Кореја. Американците претпоставуваа дека Кинг е приведен во Северна Кореја.
КCNA: Кинг е разочаран од нееднаквото општество во САД, доживеал расна дискриминација
„Уапсениот американски војник Тревис Кинг влезе во Северна Кореја поради нечовечко злоставување и расна дискриминација во рамките на американската војска“, објави KCNA, пренесува Скај њуз.
KCNA наведува дека Кинг е „разочаран од нееднаквото општество во САД“.
„Севернокорејските истражители заклучија дека војникот преминал од Јужна Кореја намерно и нелегално, со намера да остане на северот или во трета земја“, соопшти тамошниот медиум.
Минатиот месец, сестрата на Кинг, Џакеда Гејтс, изјави за „NBC News“ дека нејзиниот брат не е личност склона кон проблеми.
„Ова е лудо. Зборував со него 48 часа пред инцидентот на границата. Сето тоа ми звучи измислено“, рекла таа.