Соединетите Американски Држави имаат намера да испратат напреден систем за противвоздушна одбрана во Украина оваа недела, ракета земја-воздух, со среден и долг дострел, јавува Си-Ен-Ен.
Претседателот Џо Бајден, кој е на самитот на Г7 во Германија, неодамна најави дека САД ќе обезбедат „понапреден ракетен систем и муниција“ за Украина, додека војната со Русија се интензивира. Исто така, на Бајден и на другите лидери на земјите од Г7 денеска треба да им се обрати украинскиот претседател, преку видео повик.
Според „Јутарњи лист“, како одговор на барањата на украинските сили, оваа недела треба да биде објавено испраќање на друга воена помош, вклучувајќи дополнителна муниција за артилериски и радарски системи за одбрана од проектили.
Украинските служби побараа систем за противракетна одбрана, познат како НАСАМС, кој може да погоди цели на оддалеченост поголема од 160 километри. Извор на Си-Ен-Ен пренесува дека и украинските сили ќе мора да поминат обука за користење на таков систем.
Соединетите Американски Држави сега редовно најавуваат дополнителна безбедносна помош за Украина, пишува Си-Ен-Ен и потсетува дека минатата недела администрацијата на Бајден најави дополнителни 450 милиони долари воена помош, вклучувајќи четири повеќе ракетни системи ХИМАРС, артилериска муниција и друго оружје.
Си-Ен-Ен објави и дека САД предвидуваат долги и исцрпувачки битки во источниот дел на Украина, со големи загуби во опрема и човечки животи на двете страни. Тие веруваат дека руските сили планираат да продолжат со интензивните напади на исток, базирани на артилерија и проектили, со цел да ги исцрпат украинските сили и воената помош на НАТО.
Украинците брзо трошат муниција од советската ера наменета за постари системи, а западните влади се пред тешка одлука да ја зголемат воената помош, на што Бајден веќе се обврза, пишува Си-Ен-Ен.