Американците се загрижени дека „Северен тек 2“ ќе биде вратен во живот

од Vladimir Zorba
271 прегледи

Белата куќа ја информираше јавноста дека активностите на проектот „Северен тек 2“ во моментов не се одвиваат“, откако Берлин го запре процесот на сертификација на гасоводот што поминува од Русија преку Балтичкото Море до Германија.

Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки одби да каже за време на брифингот за печатот во Белата куќа дали германската одлука е отповикана, што предизвика загриженост кај американските законодавци и другите критичари дека проектот ќе биде обновен.

Републиканскиот сенатор Тед Круз смета дека санкциите за гасоводот се „чекор во вистинската насока“ и инсистира дека тие треба да се поврзат со американските санкции против компаниите вклучени во проектот, од кои администрацијата на Бајден засега се откажува.

Зад проектот на гасоводот „Северен тек 2“ стои рускиот холдинг за гас „Газпром“, а во него се вклучени и германските компании „Унипер“ и „Винтершел“, француската „Анжи“, британската „Шел“ и австриската „ОМВ“.

Џејмс Тренор, специјален советник и експерт за санкции во адвокатската фирма „Кадаваладер“, вели дека германското затворање на гасоводот им донесе олеснување на многумина од двете страни на Атлантикот, но дека проектот може да продолжи подоцна.

„Она што го направи Германија, во суштина го стави (проектот) „на мраз“. Но, се разбира, германскиот потег е предмет на ревизија и може да се преиспита подоцна“, рече тој.

Германија во вторникот го стопираше проектот за подводниот гасовод чија цел беше удвојување на протокот на руски гас директно до Германија, откако Русија официјално призна два отцепени региони во источна Украина.

Енергетскиот проект вреден 11 милијарди долари, кој предизвика длабоки поделби во Европа, беше завршен во септември минатата година. Гасоводот не е стартуван бидејќи се уште нема добиено дозвола за работа од Германија и Европската унија.

Овој гасовод требаше да го диверзифицира снабдувањето со енергија на Европа, но наиде на противење од Вашингтон и во самата Европска унија. Противниците на проектот тврдат дека тој ќе ја зголеми зависноста на Европа од испораките на гас од Русија и ќе ја лиши Украина од транзитните такси, низ која минува уште еден руски гасовод.

Слични содржини