Привремениот менаџер на Манчестер Јунајтед, Руд ван Нистелрој го напушти клубот, попладнево беше потврдено на „Олд Трафорд“.
Имено, „Атлетик“ претходно денеска објави дека ваквата одлука ја донел новиот менаџер на „црвените ѓаволи“, Рубен Аморим, кој од денеска и официјално е тренер на трофејниот англиски клуб.
Ван Нистелрој се врати во клубот минатото лето и доби шанса да го води Јунајтед по заминувањето на неговиот сонародник Ерик Тен Хаг.
„Благодарни сме за придонесот на Руд и начинот на кој тој и пристапи на својата улога за време на неговиот престој во клубот. Секогаш ќе биде добредојден на Олд Трафорд. Руд е и секогаш ќе биде легенда на Манчестер Јунајтед“, се вели во соопштението.
Инаку, Јунајтед под водство на Ван Нистелрој забележа три победи (Лестер 3:0, 5:2, ПАОК 2:0), додека со Челзи во англискиот шампионат одигра нерешено (1:1).
Иако фудбалерите на Јунајтед сакаа Руд да остане во стручниот штаб кога Аморим го презеде тимот, тоа не се случи.
Холанѓанецот претходно денеска изјави дека не се слушнал со португалскиот тренер и дека не знае каква е неговата иднина.