На посетителите во Амстердам ќе им се наплаќа највисоката туристичка такса во Европа од 2024 година, во обид да се намали хаосот во градот и ефектите од масовниот туризам.
Поскапувањето ќе биде до 12,5 отсто, што значи дека со просечна цена за ноќевање од 175 евра по лице, туристичката такса ќе се зголеми од 15,25 на 21,80 евра за ноќ.
„За споредба, туристичките такси во Барселона во просек се околу 2,25 евра по лице дневно, додека во Париз генерално може да се очекува да платите околу 4 евра по лице за ноќ“, пишува на веб-страницата Lonely Planet.
Се зголемува таксата за престој со цел „да се даде поголем придонес во градот за посетителите, а мерката ќе придонесе и за борба против нередот и масовниот туризам“, соопштија градските власти.
Амстердам, дом на еден милион луѓе, се бореше да се справи со 20 милиони посетители годишно во последните години, од кои многумина поминаа само еден ден во градот.
„За да се одржи квалитетот на животот во Амстердам, градот работи на спречување на типот на туризам кој предизвикува непријатности кај населението, но и кај туристите и го утврди максималниот број на посетители“, соопштуваат властите.
Амстердам долго време е магнет за хедонисти, кои најчесто ги привлекуваат кафулињата за марихуана и квартот на црвените фенери, а градот е згрозен од сè почестото пијанство и немири.
Така, на пример, оваа година на британските туристи им беше кажано да ги организираат своите често развратни ергенски забави на друго место.