Иако нивниот брак заврши, Ана Ивановиќ и Бастијан Швајнштајгер сè уште се појавуваат насмеани и прегрнати на билборди и реклами низ Германија. Причината за тоа не е обнова на љубовта, туку деловен договор кој ги обврзува на заедничка промоција до 2027 година. Светските медиуми веќе подолго време шпекулираат за крајот на бракот меѓу српската тенисерка и германскиот фудбалер. Иако и двајцата се воздржани во јавноста и не коментираат официјално за разделбата, ситуацијата станува сè појасна – особено по фотографиите на кои Швајнштајгер беше фатен како се бакнува со нова девојка на плажа во Мајорка.
Сепак, приказната добива нов пресврт: Ана и Бастијан и покрај разводот ќе мора да продолжат со заеднички јавни појавувања – барем преку фотографии и кампањи. Според германските медиуми, уште од 2020 година двајцата се амбасадори на моден бренд со седиште во Билфелд, а договорот за соработка важи до 2027 година.
Фотографии од насмеаната двојка сè уште се наоѓаат на излозите од продавниците на брендот, што предизвикува дополнително внимание во јавноста. Иако љубовта згасна, обврските остануваат. Во еден остар и емотивен коментар, заменик-уредник на германскиот „Билд“ го повика Швајнштајгер на одговорност, не како спортист, туку како татко. Во колумната апелира до него да ја стави благосостојбата на децата над сопствените желби и слободи, посочувајќи дека со разводот и новата врска можеби ја загрозува нивната стабилност и сигурност.
Од друга страна, приказната за љубовта на Ана и Бастијан имаше бајковит почеток. Тие се запознале во Њујорк преку заеднички пријател, а Бастијан откри дека веднаш почувствувал дека Ана е „вистинската“. Во романтичен стил, ја побарал за жена во еден приватен парк во Лондон – истиот од филмот „Нотинг Хил“, кој тајно го изнајмил специјално за тој момент. Благослов побарал и од нејзиниот татко – и тоа на српски.
Иако нивната врска започна со длабока поврзаност, очигледно не ги издржа животните предизвици. Швајнштајгер, кој често се шегуваше дека не може да ја победи Ана ни во тенис, денес е во центарот на критики поради начинот на кој го започна новото поглавје во животот. Ана и Бастијан, барем во очите на јавноста, уште некое време ќе делуваат како среќна двојка – макар само на рекламите. Но зад тие фотографии, приказната е сосема поинаква.