Поранешната српска тенисерка Ана Ивановиќ изјави дека е фасцинирана од играта на Новак Ѓоковиќ и изјави дека е воодушевена од неговата врвна форма.
Српскиот тенисер пред два дена ја освои рекордната седма титула на завршниот АТП Мастерс сезонава во Торино, откако во финалето го совлада Италијанецот Јаник Синер со 6:3, 6:3.
„Се сеќавам дека Рафаел Надал во 2008 година ми рече: ‘Не знам колку ќе издржам’, пред се поради повредите. Еве го Ѓоковиќ, тој се бори. Тоа што Новак е толку силен и здрав ми е навистина фасцинантно, секоја му чест за тоа“, изјави Ана Ивановиќ во подкастот „Алесто“.
Ѓоковиќ претходно по осми пат во кариерата го обезбеди првото место на АТП листата за крајот на годината.
„Дефинитивно, сите созреваме и возраста си носи свои искуства. Ѓоковиќ дефинитивно се промени. И тој е човек, повеќе не е дете и тоа што бевме кога имавме 18 години. Мислам дека сите постојано се менуваме“, додаде поранешната српска тенисерка.
Ѓоковиќ ја започна својата 400-та недела на врвот на АТП листата. Ана Ивановиќ се повлече од тенисот на крајот на 2016 година.
„Искрено, не мислевме дека ќе трае толку долго. Она што навистина ми е фасцинантно е како Ѓоковиќ успева да го одржува своето тело во форма. Тоа е напорен спорт, има големо влијание врз телото, тоа го гледаме и по Федерер и Надал“, изјавила Ивановиќ.