Ана Ивановиќ по гласините за развод: „Среќна сум што сум тука“, откри детали за семејството, животот во Шпанија и враќањето на тенискиот терен

од Љубиша Владимиров
1,2K прегледи

Ана Ивановиќ го даде првото интервју по наводите за развод од Бастијан Швајнштајгер. Новинарите на суптилен начин се обидоа да дознаат нешто повеќе за нејзиниот приватен живот.

„Ви благодарам за добредојдето, среќна сум што сум овде. Задоволство е да се биде тука, блиску до дома. Се сеќавам на првиот пат кога бев овде, во 2007 година — иако на друго место — но беше многу посебно“, започна Ана.

Најголемиот успех го постигна во Мадрид во 2013 година, кога во полуфиналето беше поразена од Марија Шарапова.

„Имам убави спомени, не се сеќавам точно на годината кога бев во полуфинале, но секогаш ми е мило да играм на земјена подлога.“

Новинарите повторно се обидоа суптилно да извлечат детали за нејзиниот приватен живот.

„Неверојатно е, убаво е да се биде овде, да се работи, да се гледа добар тенис… Зафатена сум со децата“, одговори српската тенисерка, која во бракот со Бастијан има три сина.

Во Мадрид добила и прашање од аргентински новинар да препорача што да прави во Шпанија.

„Прво, ги сакам луѓето и начинот на живот овде. Можете да се дружите со сите — тие се пријателски расположени, сакаат вино — тоа е добра идеја. Ми се допаѓа и храната.“

Ана се обидува колку што може да го следи тенисот, секогаш кога има време.

„Се трудам да следам тенис, имам пријатели кои сè уште играат. Се трудам да гледам, но тешко е со децата, затоа што се обидувам да избегнувам тие да гледаат во екран. Тоа е одличен спорт, убаво е да имаш можност да го гледаш во живо — подобро е од трибините отколку преку екран.“

Ја прашале и дали сè уште игра тенис, а таа потврдила дека наскоро ќе настапи на уште една егзибициска средба.

„Понекогаш, не онолку колку што би сакала, но да — играв на егзибициска средба. Следниот месец ќе играм уште една, па се враќам.“

Еден од новинарите побарал совет, бидејќи е аматерски тенисер и има проблем со својот сервис.

„Можам да ви го покажам мојот форхенд — тоа е мојот заштитен знак. Сервисот е најтешкиот удар, сè е до тајмингот.“

Едно од прашањата за Ана било кој ѝ е фаворит за титулата во Мадрид. Најпрво се изненади кога слушна дека Алкараз се повлекол.

„О, не, навистина?“ – замолкна накратко, па продолжи:

„Новак секогаш е кандидат за титулата. Има многу добри играчи. Сè уште не сум ја видела ждрепката, но мислам дека тоа ќе биде Зверев или Ѓоковиќ.“

Потоа зборуваше за нивото на женскиот тенис денес.

„Секогаш доаѓа момент кога се менуваат генерациите. Понекогаш има ‘дупка’, нешто слично се случува и во машкиот тенис по пензионирањето на Роџер и Рафа, иако ним им беше малку полесно. Сабаленка го подигна нивото на тенисот, Ига исто така, ја имаме и Коко Гоф. Нивото на тенисот сега е многу повисоко отколку пред неколку години. Новите генерации треба да создадат ривалства, за да се зголеми интересот.“

Србинката особено зборуваше и за важноста на менталното здравје кај спортистите.

„Тоа е веројатно најважното нешто во животот — не само во спортот. Очекувањата се менуваат. Пред неколку години малку луѓе зборуваа за тоа, но денес се зборува многу повеќе. Погледнете го светот денес — социјалните мрежи, осудите… Тешко е. Си млад, си во центарот на вниманието, и секој има мислење. Затоа е важно да се зборува за тоа. Сите се талентирани и добри, но менталната сила и менталното здравје ја прават разликата. Тоа е најважното.“

На крајот, Ана имаше кратка порака на шпански, бидејќи веќе некое време живее во Мајорка:

„Ви благодарам на сите. Секогаш сум среќна кога сум тука и среќна сум што живеам овде“, заклучи Ана Ивановиќ.

Слични содржини