Аналитика тинк тенк: (НЕ)Праведноста на даночната реформа

од Vladimir Zorba
291 прегледи

Во контекст на предложената даночна реформа од страна на Министерството за финансии, АНАЛИТИКА тинк тенк укажува дека најавената даночна реформа која сама по себе имплицира големи промени во даночниот систем, не била објавена официјално и транспарентно, а граѓанскиот сектор како еден од главните чинител во целиот процес не бил дел од консултативниот процес со цел да придонесе во истиот.

Зголемување на акциза на цигари  како извор на даночен приход со огромен фискален капацитет

– Наместо да се воведуваат придонеси на договорите за привремено вршење работа, потребно е Владата да разгледа други опции кои ќе обезбедат дополнителен даночен прилив за државата и нема да бидат на штета на граѓаните а истовремено ќе значат и подобрување на здравјето на граѓаните.

Согласно нашите пресметки врз основа на статистички модели, зголемување на акцизата од 37,5 проценти, ќе ги зголеми цените на цигарите за 30 проценти, што ќе доведе до намалување на потрошувачката на цигарите за 11 проценти и ќе й обезбеди на Владата дополнителни 68 милиони евра приходи од акцизи. Ова е повеќе од тоа што го предвидива даночната реформа.

Зголемувањето на цените на цигарите преку повисоки акцизи не само што ќе ја намали потрошувачката на цигари, туку ќе донесе и значителни дополнителни приходи и истовремено ќе го заштити здравјето на граѓаните.

Најважно е дека зголемувањето на акциза на цигари нема да има социјално регресивна димензија, односно нема да биде на товар на сиромашните. Со ваквата мерка богатите многу повеќе ќе го носат дополнителниот даночен товар.

Зголемување на данок на добивка за банките

–Причината е едноставна. Банките во Македонија се на листата на најпрофитабилните компании и во изминатите неколку години остваруваат енормно високи профити, а фискалните авторитети не ја препознаваат оваа нивна положба како можност за дополнително зафаќање од нивните профити. Само од провизии и надоместоци постваруваат скоро половина од нивните приходи. Додека од камататите на граѓаните и фирмите другата половина. Оттука, им се овозможува на банките да остваруваат профити поддржани од даночните обврзници, во услови на зголемени каматани стапки за граѓани и фирми и во услови на економска криза.  Оваа состојба е неприфтлива и затоа потребно е да се зголеми даночна стапка на добивка за банките. Кое е оправдувањето да се предлага прогресивно оданочување на граѓани (со водечката премиса за праведност ‘’богатите да плаќаат повеќе а сиромашните помалку’’) додека истовремено банките плаќаат иста даночна стапка на данок на добивка а притоа остваруваат енормни добивки? Наместо тие пари што ѝ требаат на државата да ги земат од богатите и големите фирми и од сите оние што имаат, тие ќе ги земаат парите повторно од обичните луѓе, од сиромашните и од малите фирми.

Рационално трошење

Владата е потребно да покаже решителност и конкретен план за сузбивање на неодговорното трошење на народните пари, пред да планира и спроведува дополнителни зафаќања од граѓаните. Време е за рационално трошење и зголемување на приходите преку намалување на сивата економија и корупцијата.

Јавните расходи треба да се рационализираат и преструктуираат според вистинските приоритети на граѓаните и нивниот ефект врз растот на БДП. Имено, за да имаат ефект даноците потребно е граѓаните да добиваат високо квалитетни јавни услуги. Државата е должна истото да го обезбеди.

Сузбивање на сивата економија

Аналитика во своето истражување (https://www.analyticamk.org/mk) го процени обемот на неформлан економија на 21,3% од БДП (според методот на потрошувачка на електрична енергија). Македонија е лидер во регионот по стапка на неформално вработување. За жал, и овој пат не се прават суштински чекори за сузбивање на неформалната економија, која би била еден од поголемите извори на даночни приходи. Реформа на даночна политика со поголемо зафаќање од даночните обврзници во време на економска и енергетска криза и пад на животниот стандард само ја отежнува и така тешката состојба во која се наоѓаат граѓаните (даночните обврзници).

Оттука, сивата економија мора да се решава системски. За да се олесни процесот неформалните работници да се внесат во формалната економија и истите да бидат мотивирани тоа доброволно да го направат потребно е да се понуди одреден период во кој нивниот доход нема да се оданочува или ќе се оданочува по ниска даночна стапка. Една таква мерката би била: Откажување од данок на доход за неформални работници кои ќе станат дел од формален сектор,во текот на 6 месеци.

Истовремено, мора да се подобри наплатата на даноци од страна Управата за јавни приходи. Да се зајакне техничкиот, административниот и институционалниот капацитет на Управата за даночни приходи со цел да се подобри наплатата на приходите, со што ќе се овозможи повисоко ниво на буџетски приходи. Воведување на цврсти мерки против даночните затајувачи од корпоративниот сектор. Со ова се цели и кон намалување на даночната евазија.

Сепак, укажуваме дека Аналитика поддржува даночни реформи кои значат праведност за сите граѓани и компании. Оттука, Аналитика ја поздравува мерката за проширување на даночната основа како еден од начините за прибирање на дополнителни даночни приходи а која е дел од даночната реформа. Меѓутоа, предлагаме новата даночна реформа да опфати дополнителни мерки на кои укажуваме погоре во текстот и да го вклучи граѓанскиот сектор во креирањето на истата со цел решенијата да бидат праведни и економски издржани за сите чинители.

Слични содржини