Доаѓа време кога ќе треба да се плати сметката за владините ветувања за повисоки плати, пензии, социјални надоместоци. Новото задолжување од 270 милиони евра, очигледно нема да биде доволно да ги покрие сите испорачани ветувања кои сега се трошок, оценуваат економистите за неделната економска анализа на Порталб.

evroobvrznica1

Прашањето дали ќе бидат доволни парите од Еврообврзницата дополнително се проблематизира и откако министерот за финансии Зоран Ставрески објави дека од домашните кредитори дека бара нов заем од 100 милиони евра, само три дена по задолжувањето од странство. Падна и првото вето од дополнителниот заменик министер – Кире Наумов.

Економистите бараат да запрат сите непотребни задолжувања

Само три дена откако министерот за финансии Ставрески порача дека граѓаните треба да бидат спокојни оти со странското задолжување се обезбедени пари за редовна исплата на плати и пензии, министерството објави дека бара нов заем од 100 милиони евра. Иако ова задолжување го доби првото вето од страна на дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов, сепак дел од аналитичарите оценуваат дека тоа е сигнал за проблеми во буџетската каса.

“Во случајов се задолжува Македонија за потербите на Вмро-Дпмне и тоа е јасно, доаѓаат избори и треба да се купуваат гласови, политиката е веќе на нож, или јас или ти, опцијата веќе не е Македонија туку е или Вмро-Дпмне или СДСМ и дебелиот крај ќе го извлечат граѓаните, односно децата што сеуште не ни се родени. Ова значи дека овие задолжувања ќе ги враќаат генерациите кои допрва доаѓаат. Политиката на егоцентризам е стара работа, ривалството е многу големо а замката во која влезе Грувески многу финансиски ќе ја заглави Македонија. Затоа сметам, односно апелирам да се спречи на било кој начин, дури физички ако треба, секое идно задолжување на земјата. На нас ни треба Македонија, а  задолжена Македонија веќе е распродадена“, вели за Порталб аналитичарот Зоран Витанов.

Наспроти ваквите предупредувања, министерот за финансии, повикувајќи се на мерењата на Еуростат, вели дека земјата останува во групата на најниско задолжени европски економии.

„Податоците на Еуростат се најмеродавни за оценка на задолженоста на земјата и според нив Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа. Тоа е факт кој покажува дека Владата со сегашните економски политики се однесува многу одговорно кон идните генерации. Значајно е Република Македонија како мала економија да не биде високо задолжена земја односно да остане во зоната на ниско до умерено задолжена“, изјави министерот  Ставрески.

Обидот за ново домашно задолжување од 100 милиони евра е доказ дека државната каса е празна, се огласија од СДСМ, од каде велат дека секое следно задолжување министерот за финансии нема да може да го спроведува без согласност на доплнителниот заменик, со заеднички договор околу висината на заемот, каматата и рочноста

“Најавеното ново задолжување е доказ дека  државната каса е празна и зависна од нови и нови задолжувања. Ова најавено задолжување е доказ дека е загрозена исплатата на платите и пензиите, до тој степен што државната каса е во состојба да не може да ги дочека средствата од еврообврзницата кои треба да бидат оперативни за само неколку дена“, велат од СДСМ.

Дел од економистите алармираат – секое идно задолжување е опасно за економијата.

“Задолжувањата немаат никаква рационална оправданост, немаат никаква потреба од тие задолќувања, ниту нацијата нити државата, сето тоа е за потребите на пет, шест луѓе за да останат на власт. Пореди незнаењето, македонскиот гласач плаќа премногу висока цена. Наместо да се зголемуваат плати, пензии ние еднаш искрено мора да кажеме дека во администрацијата треба да се отпуштат 200 илјади луѓе, јас би гласал за таков политичар, за искрен. Но јас таа искреност не ја гледам во ниту една опција. Ние мора да имаме чесни и храбри политичари кои на граѓаните ќе им кажат дека државата повеќе не е социјална туку дека е премногу задолжена и дека мора да се грижиме нацијата  да ни опстане и мора да ги отпуштиме сите тие “лешинари“ кои што по партиски и по етнички клуч се вработени, земаат плата од Буџетот а дури не доѓаат на работа. Извинете, но ова е лудило и ние сме за санаториум. Ова не е прашање за економисти, туку за психолози“, вели за Порталб аналитичарот Витанов

Потребата од нови задолжувања е последица на скапите ветувања што во ек на политичка криза ги испорача актуелната власт, оценуваат економистите.

“Владата ниту има пари ниту создава пари. Владата односното премиерот кога највува зголемување на сите видови на раходи од буџетот,всушност најавува дека тоа ќе го зема од едни граѓани и ќе го пренесе на други граѓани. Ние сме сведоци за лошото менаџирање на јавните финанасии, односно на Буџетите на Македонија. Ако некаде се дава, тоа значи дека од некаде треба да се земе, а ако пак од таму каде што треба да се земе, нема пари, тогаш ќе мора да се задолжуваат, на домашен терен или од странски извори. Друг начин за покривање на овие најава за повиски плати, социјална помош, стипендии – нема “, изјави за Порталб, неодамна  еден од поранешните министри за  финансии Џевдет Хајредини.

 

Создавањето на нови долгови за да се враќаат стари уште повеќе ја влошува состојбата, вели Витанов.

“Доколку не се задолжевме повтроно во прашање ќе се доведеше исплатата на пензиите и на платите за целата државна администрација. Меѓутоа, ние веќе сме во критична состојба бидејќи агонија само се одлжува. Пикање на проблемите под тепих не е решение, напротив колку проблемот повеќе се одлага, односно се решева со нови задолжувања, тој станува уште понерешлив за во иднина. Затоа ќе повторам , политиката на оваа Влада ги задолжува нашите внуци кои сеуште не се родени“.

Минатата недела само по основ на новата Еврообврзница, Владата се задолжи со 270 милиони евра. Првичната идеја за задолжување со  500 милиони евра беше пресретната од потписот на дополнителниот заменик министер за финансии Наумов, кој изјави дека го спречил ова мегаломансо задолжување.

Порталб.мк.

Слични содржини